Рекоа...

 

 

pasko-kuzman Жан Митрев сега, со еден друг занес, направи пак нешто кое му недостасува на нашиот народ, нешто кое сигурно има не само „тајна врска“ со дамнешниот здив на Македонија, туку и нешто кое би можело да се растегне длабоко како „патувањето во центарот на земјата“ на Арне Сакнусем (Марк Твен) и хоризонтално по меридијаните на земјините хемисфери. Пред нас се неговите осум приказни за Филип и Александар, досега непознат вид за таква тема во нашата литература, а и пошироко. Уште една оригинална сензација на овој ентузијаст. Приказните излегуваат како духовна сила од историското ехо.

 

Сите случки и настани се асоцијативни со историските случувања, но мудроста во овој вид на книжевна нарација е во фактот дека тие ги надградуваат, ги збогатуваат и со тоа ги извлекуваат помалку познатите и непознатите особености и доблести на народите за кои станува збор.

 

Додека се читаат приказните со тема која во рамките на југословенската историографија беше туѓа и немакедонска, и потоа, па и сега кај некои скотски недоквакани коментатори, аналитичари и критичари, кај секој искрен читател ќе му затрепери срцето, она кое ви го знае напамет Жан Митрев и на кое го има ставено сонцето „како сојузник“ и не поради друго, туку поради силината на мудростите, племенитоста и храброста на главните јунаци. Тоа ќе го почувствувате кога малиот принц ќе го јавне „дивиот коњ“, кога македонскиот цар ќе се сложи и со „најголемата жртва“ - најстариот негов син, заради витештво и чест, кога Филип II ускладувајќи ги движењата на војниците со долгите копја од фалангата ги искористил синхронизираните движења кои ги видел во едно македонско оро, кога Александар во пресудната битка со најмоќната војска на тогашниот свет под водство на индискиот крал Пор ги употребил кравите против слоновите на Пор, а и кога настрана од сé, љубовта е пиедестална величина која победува и најлути непријатели.

 

Мудростите, племенитоста, храброста и честа на македонскиот Цар и на неговиот трет син како да се специјално и со голема почит и верба извлекувани од богатите народни трезори, исто, како што тоа го чини и нашиот автор од XXI век, Жан Митрев. Некои од досетките ги извлекол и од огромната историографија за Филип и Александар, но не може никако да се отпише и големата љубов кон древниот свет на Македонците, во кого цврсто верува авторот како кон силен претходник и фундамент на денешната македонска популација и денешната македонска држава. Жан Митрев уште пред сите ја извојува битката со „Филип II“ и никој веќе не му забележува за некаква „фабричка антиквизација“, а тоа секако, е резултат и на тоа што на срцето му блеска шеснаесеткракото Сонце. „Па, сине, кога го имаш сонцето како сојузник, секогаш ќе победуваш...“

 

Паско Кузман, археолог